Денеска во штипската касарна „Јане Сандански“ се одржa свечен пречек по повод враќањето на контингентот на АРМ од составот на Првата механизирана пешадиска бригада (мпбр) кој изминатите 6 месеци учествуваше во мисијата ИСАФ во Авганистан.
На свеченоста присуствуваа началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Мирослав Стојановски, заменикот на министерот за одбрана Емил Димитриев, заменикот на командантот на Здружената оперативна команда, бригаден генерал Киро Галазовски, командантот на Првата мпбр бригаден генерал Димче Петровски, градоначалникот на Штип д-р Зоран Алексов, роднините на припадниците од контингентот и други гости.
- Ова е 18-та ротација која се врши во Авганистан со што јасно се потенцира успешното учество на АРМ во мировни операции надвор од Македонија. Иако сме мала држава, со мала армија, сепак успеавме да покажеме дека имаме капацитет за поголеми обврски во обезбедување на мир и подршка во мировни операции - изјави Заменик министерот Димитриевски.
Во мисијата ИСАФ во периодот јули 2010 - јануари 2011 година, АРМ учествуваше со контингент од 149 припадници кои заедно со најстариот национален претставник и двајца штабни офицери, во Авганистан беа распоредени во составот на Британскиот контингент.
Контингентот на АРМ за време на мисијата беше ангажиран за извршување сложени задачи како што се целосно обезбедување на командата на ИСАФ во Кабул, обезбедување на објекти од витално значење за животот на населението во Авганистан, борбено обезбедување на комуникации и области во зоната на одговорност и друго.
Од страна на командата на ИСАФ и надлежните високи команди на НАТО, ангажирањето на „Шкорпиите“ на АРМ, во повеќе наврати беше високо оценето, што се должи на високиот степен на обученост, но и на покажаната компатибилност и оперативна способност за време на извршувањето на мисијата.
|