Вчера во Штип кој како град е дел од националната програма за отворање на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Скопје беше извршен чинот на предавање и пренос на урната со посмртната пепел на штипските Евреи во Скопје. Од уметничката галерија Безистен урната беше пренесена во придружба на претставници на Еврејската заедница и Фондот на Холокаустот во Македонија, општинските советници и други граѓани до споменикот на Евреите пред Заводот и музеј.
Тука беа положени свежи цвеќиња од повеќе делегации а по последното оддавање на почит, градоначалникот на Штип, д-р Зоран Алексов во воена придружба, заедно со градоначалникот на Битола Владимир Талески и на Скопје Коце Трајановски во Музејот на Скопје го изврши чинот на пренесување на урната.
Согласно програмата, дел од настанот на отворање на Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите покрај Скопје се и Штип и Битола како градови во кои во минатото живеело еврејско население во т.н еврејско маало. Централната манифестација на отворање на центарот ќе се случува во четврток, 10-ти март во Скопје.