|
Фирмата „Солвеј“, која е сопственик на рудникот Бучим ќе ги финансира археолошките истражувања на локалитетот Боров Дол. Тие пред извесно време добија две концесии за нови рудни ископи, но според податоците на Заводот и музеј од Штип, на оваа локација се наоѓа заштитен археолошки локалитет.
Тоа беше причина градоначалниците на Штип и Кончер, Зоран Алексов и Стојан Лазаров денес да оставарат средба со директорот на Заводот и музеј во Штип, Зоран Читкушев и заменик генералниот директор на „Бучим“, Николајчо Николов. Целта на средбата е да се преземат активности за старт на археолошките истражувања бидејќи русите сакаат што побргу да го активираат наоѓалиштето во Боров Дол:
- Рудникот Бучим ќе достави барање со потребна документација по што ние ќе злеземе на терен да се извршат истражувањата. Ние ќе се обидеме да бидеме брзи и ефиканси и тоа да не чини многу пари – изјави Читкушев од штипскиот музеј.
Градоначалникот на Штип, вели дека со новиот ископ, општината ќе има можност да добие пари од концесија:
- Според документите, 1/3 од новото наоѓалиште е на штипска територија а 2/3 во Конче. Така ќе се делат и средствата од концесијата. Во секој случај ние сме тука и подготвени сме да помогнеме што побргу да се завршат работите, да се среди документацијата и веќе на лето инвеститорот прецизно да си ја врши работата – вели градоначалникот Алексов.
За Николов, оваа инвестиција е особено важна бидејќи ќе го продолжи векот на работа на рудникот Бучим:
-Нашите анализи кажуваат дека Борово Дол е наоѓалиште кое има околу 40 милиона тони бакар и ќе ја продолжи работата на Бучим за уште 10 години. Ние ќе инвестираме околу 70 милиони евра, но рудата ќе се транспортира до рудникот Бучим бидејќи економски не е исплатливо да се прави нова флотација вп Боров Дол. Количините не го дозволуваат тоа. Ние ќе ги финансираме археолошките истражувања бидејќи сакаме да бидеме на чисто, да нема дилеми дека останало нешто важно под тој локалитет.
Проблем зошто не може да се отвори рудник во Борово Дол меѓу другото е и тоа што за главното рудно тело кое се наоѓа под археолошкиот локалитет фирмата Солвеј нема пристап бидејќи таа површина не влегува во концесијата.
|