|
Градоначалникот на Штип д-р Зоран Алексов денес изврши увид во работните активности за поставување на канализациона мрежа на улицата „Широк дол“ во Штип.
Како што е познато, веќе трета недела во тек е реконструкција на канализационата мрежа на улицата „Широк дол“ во вкупна должина од околу 200 метри. Според планот на активности, изведувачот на градежните работи има обврска да ги заврши работите во рок од 30 дена, односно се планира работите да завршат некаде кон средината на месец април.
За овие активности од страна на Владата на РМ, преку проекти за декадата на ромите беа обезбедени 1 милион денари. Со овие зафати, по 20 години чекање околу 40-тина ромски семејства од овој дел на градот конечно добија канализација:
- Ние во контиунитет се обидуваме да им помогнеме на ромите, бидејќи е јасно дека голем дел од нив живеат во несоодветни услови. До сега реализиравме неколку зафати за да добијат водоводна и канализациона мрежа, така што ќе продолжиме со ова темпо бидејќи и тие се наши граѓани кои залсужуваат подобар живот – изјави градоначалникот Алексов.
- Конечно некој да се сети и на нас. Цели 20 години апелиравме за нашиот проблем, дека во 21 век и ние треба да имаме канализација и вода. Немаше слух, но фала му на бога имало човек кој мисли и на нас ромите – изјави еден од жителите на улицата Широк дол.
За урбанизација на ромските населби во Штип изминатите две години се обезбедени околу 8 милиона денари. Обновена е канализационата и водоводна мрежа на улица „Косовска“ во должина од 400 метри во вредност од 3.5 милиона денари, потоа улуцата „Радански пат“ за што беа издвоени 3 милиона денара и сегашната инвестиција од 1 милион денари. Дел од средствата ги обезбеди Владата на РМ а дел се општински пари.
|