|
Градоначалникот на Штип, д-р Зоран Алексов денес во неговиот кабинет оствари средба со кадетската екипа на РК „Текстилец“ од Штип. Повод за средбата е освојувањето на државната шампионска ракометна титула во кадетска категорија. Во финалето штипјани ги совладаа ракометарите на „Металург“ со резултат 21:19 и го спречија да ја освојат десетата титула оваа сезона. Успехот е голем и овој ракометен клуб во континуитет постигнува врвни резултати.
- Како човек кој активно се занимавал со спорт, од моментот кога станав градоначалник, за мене императив беше да се доделат повеќе пари за спортот. Со најновиот ребаланс на буџетот, ќе бидат издвоени 5 милиона денари повеќе при што за овој успех на ракометарите ќе бидат доделени 300.000 денари. Идната година, таа сума ќе биде двојно поголема, значи околу 600.000 денари или 10.000 евра а општината ќе помага и при исплаќањето на средствата за котизација. Само нека продолжат успесите, бидејќи тоа е најважно. Се надевам дека и приватниот бизнис ќе помага, ако не друго, името на клубот е „Текстилец“ па би било многу убаво ако текстилниот сектор му помогне на клубот – изјави градоначалникот Алексов.
На средбата присуствуваше и претседателката на Советот, Сузана Николовска. За Зоран Јовановски од РК „Текстилец“, поддршката од локалната самоуправа е мошне важна:
- Градоначалникот останува наш голем поддржувач, средствата кои ги додели дополнително се мотив за поуспешна работа и доказ дека добрите резултати се следат и почитуваат. Впрочем, тој беше редовен посетител на нашите средби па дури и на финалната средба која беше голем поттик за да оствариме успех. Тоа е доказ дека градоначалникот е вистински љубител на спортот а пред се наш голем поддржувач.
На средбата градоначалникот додели и ваучери од по 5000 денари за најдобриот стрелец Иван Јовановски, за најдобриот голман Виктопр Атанасов и за најдобриот играч Иван Ангелов.
   
|