|
Денес во НУ-Библиотека „Гоце Делчев“ во Штип беше отворена изложба на уметнички фотографии. Изложбата е насловена како „ШКЛ 2011 низ објективот на Марија Рамона Крстевска“. Таа во изминатите 40-тина денови ги следеше настаните од годинашнава програма на „Штипско културно лето 2011“ при што направи пресек на фотографии, претставувајќи ги настаните и учесниците од еден поинаков агол:
- Сметам дека низ објективот можат да се видат поинакви страни на настаните од ШКЛ. Уживав следејќи ги настаните бидејќи секој си имаше своја специфика а можам да кажам дека помеѓу омилените настани ми беше перформансот на локалитетот „Баргала“ кој се одвиваше во една одлична атмосфера на уникатен начин – изјави Крстевска по отворањето на изложбата.
Исто така се оддржа и завршна прес конференција по повод годинашново „Штипско културно лето 2011“ кое се оддржа по 26-ти пат:
-Мислам дека од двете алтернативи, ја избравме вистинската. Имавме можност да организираме префинети настани за посебна публика и настани кои не сѐ само културен сегмент туку и забава за посетителите, но и воедно достапни за сите граѓани, при што ние ја одбравме втората варијанта, бидејќи таа допира до сите луѓе а тоа е и наша цел, културата да биде достапна за сите – изјави Кирил Панајотов советник во локалната самоуправа.
За Вилма Јованова, претседателката на Комисијата за Култура, ШКЛ останува столб на културните настани во текот на летниот период:
- Мислам дека имаше што да се види, за сите вкусови, за сите генерации што покажува дека оваа манифестација е најважниот културен сегмент за Општина Штип во летниот период, која успешно опстојува 26 години.
Општина Штип останува детерминирана да ја поддржува финансиски оваа манифестација:
- Бидејќи ова е најважниот настан во текот на летото, Општина Штип ќе продолжи со активно учество и финансирање на ШКЛ и сметам дека и оваа година имавме квалитетно и успешно културно лето, со многу гости и посетители – изјави Снежана Санева, раководител на Одделението за поддршка на градоначалникот на Штип.
На манифестацијата годинава имаше над 40-тина настани со учество на над 300 уметниици. Имаше бројни гости меѓу кои и настани поврзани со денови на Српската култура во Штип преку гостите од Врање, гости од Полска, од Хрватска и многу домашни учесници од Штип и Македонија.
|