|
Вчера се одбележаа 30 години од постоењето на државното средно училиште „Искра“ од Штип.
Станува збор за училиште во кое средно образование стекнуваат ученици со посебни потреби. Во изминатиот период, во ова училиште своето знаење го стекнале над 1000 ученици. Со оглед на специфичната област, во училиштето освен насоченото образование и изучувањето на неколку струки, постојат и училници и соби за целодневен престој на учениците.
- Голема благодарност до вработените кои изминатите 30 години беа несебични, пожртвувани и вложија многу з ана овие деца да им ја дадат потребната љубов и образование – истакна градоначалникот на Штип, д-р Зоран Алексов.
На одбележувањето присуствуваа бројни гости меѓу кои и партнерски институции од соседните општини, како што се Велес, Прилеп, Битола и други градови. При тоа беа подалени благодарници за поддршка до приватниот сектор кои изминатите децении излегуваа во пресрет секогаш кога имаше потреба од поддршка, материјална или човечка, за унапредување на работата на овој училишен центар на деца со посебни потреби.
Директорката на СУСОВ „Искра“, Олга Николова вели дека училиштето покрај тоа што им овозможува на учениците воспитание и образование во него се и рехабилтираат.
- Во училиштето имаме 87 ученици во 14 паралелки, а учениците ни доаѓаат од 21 општина од земјава. Во изминатите 30 години средното училиште „Искра“ на деца со посебни потреби има придонесено во нивното стекнување знаење од машинската, графичката, текстилна и земјоделската струка.
Според Николова по завршеното средно образование на децата со посебни потреби им се овозможува полесно да се вработат.
  
|