| Општина Штип - носител на одбележување на 110 годишнината од раѓањето на Емануел Мане Чучков |
| Четврток, 24 Ноември 2011 11:07 | |||
|
Со одлука на Совет на Општина Штип бр. 0701-7035/1 од 31. октомври 2011 определена е Програма за одбележување. Општина Штип како носител на одбележувањето го има задоволството да Ве покани да присуствувате на Свечената академија која ќе се одржи на 28 ноември 2011 во Штип во големата сала на Советот на Општината со почеток во 12:00 часот.
Во рамките на одбележувањето покрај Свечената академија предвидено е на ден 27-ми ноември 2011 (недела) во 11:00 часот, делегации на Општина Штип и други повикани да положат цвеќе на гробот на Емануел Чучков во Алејата на великаните во Скопје. Кратка биографија за Е.М. Чучков Емануел Мане Чучков е роден во Штип 1901, а студиите на Филозофскиот факултет во Белград и Скопје ги заврши 1925 година. Се до 1944 година е средношколски професор во разни гимназии низ Македонија, Србија и Босна. Активно учествуваше во Народноослободителното движење и вршеше истакнати функции како член на АВНОЈ, НКОЈ, АСНОМ и министер во првата сојузна влада по ослободувањето за Македонија. Од 1946 до 1950 е пратеник на народното собрание на Македонија, а истовремено врши разни раководни должности во низа важни институции („Народна библиотека“, Завод за производство на уметнички, народни ракотворби, во Министерството за просвета, во Државниот ансамбл „Танец“ и друго) како директор, помошник министер или научен соработник. Од 1953 предава на Економскиот факултет во Скопје, а со научна дејност се занимава уште од 1932 година, проучувајќи разни стопански појави и особености на нашата земја од влијанието на средината и општествено-историските и производни движења.
Со успешната одбрана на неговата дисертација „Овче Поле-географско стопанска студија. Во 1958 го доби научниот степен доктор на науки. Неговиот многустран интерес беше насочен и кон проучување на народниот музички, ритмички и говорен фолклор. Чучков умира на 1 септември 1967 година како декан на Економскиот факултет во Скопје. Погребан е во Алејата на великаните во Скопје. Емануел Мане Чучков поради својата македонска национална ориентација, во времето на студирањето од големосрпскиот режим е третиран како македонски националист и сепаратист, бидејќи како студент и припаѓал на Македонската младинска тајна револуционерна организација (ММТРО). Затоа по дипломирањето долго останал без работа па по налог на режимот морал да биде професор во Свилајнац, Чачак, Параќин и Бјелина. Во 1936 се вратил во Штип каде развива широка општествена и културна дејност. Потоа е професор во Прилеп и директор на Втората машка гимназија во Скопје. Мане Чучков од септември 1943 година е член на Акционен народно-ослободителен комитет (АНОК), а од март 1944 година потпретседател на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ. Како негов член, Чучков е дел од тричлената делегација (Методи Андонов – Ченто, Емануел – Мане Чучков и Кирил Петрушевски) која патува на островот Вис на разговори со Националниот комитет за ослободување на Југославија и Маршал Јосип Броз Тито.
Во април 1944 година заминува во партизани и учествува во Пролетната офанзива. Заедно со Главниот штаб на НОВ и ПОМ на чело со генерал Михајло Апостолски се движи низ источна Македонија, подготвувајќи се за одржување на Конститутивно собрание на АСНОМ. На Првото заседание на АСНОМ Емануел Мане Чучков (потомок на Ефрем Чучков-војвода и близок соработник на Гоце Делчев и Даме Груев) е избран за потпретседател на АСНОМ. Општина Штип Односи со јавност во соработка со Одделение за јавни дејности
|