|
Согласно Програмата за одбележување на годишнини и значајни настани и истакнати личности за 2011 година на Собранието на Република Македонија, Општина Штип спроведе активности со кои се одбележа 110 годишнината од раѓањето на Емануел Мане Чучков. По тој повод вчера на пладне се оддржа Свечена академија за Емануел М.Чучков на која пригодна реч оддржи академик Блаже Ристовски, по што во големата сала на Општина Штип беше отворена изложба на фотографии.
Тој истакна дека познатиот Македонец, публицист, државник и универзитетски професор бил извесно време подзаборавен, но дека со свечената седница се прави воскреснување на ликот и делото на Емануел Мане Чучков.
Ристовски напомена дека Чучков е важна фигура во историјата на Македонија а за Штип е уште една потврда за интелектуалните потенцијали кои доаѓале од овој град.
Претседателката на Советот на Општина Штип, Сузана Николовска во името на 23 советници на најблиското семејство подари портрет од Емануел Мане Чучков, кој е авторско дело на Нада Накова, инаку поранешна штипска новинарка и дописничка на весникот „Нова Македонија“.
Во име на семејството Чучкови, Теута Крашница-Чучкова се заблагодари за сето она што Општина Штип го направи за оживување на ликот и делото на Емануел Чучков.
Емануел Мане Чучков инаку е роден во Штип 1901. Активно учествувал во Народноослободителното движење и вршел истакнати функции како член на АВНОЈ, НКОЈ, АСНОМ и министер во првата сојузна влада по ослободувањето за Македонија. Познат е и како основач на државниот ансамбл „Танец“, помошник министер или научен соработник. Чучков умира на 1 септември 1967 година како декан на Економскиот факултет во Скопје. Погребан е во Алејата на великаните во Скопје.
Емануел Мане Чучков поради својата македонска национална ориентација, во времето на студирањето од големосрпскиот режим е третиран како македонски националист и сепаратист, бидејќи како студент и припаѓал на Македонската младинска тајна револуционерна организација (ММТРО).
     
|