|
Општина Штип го одбележа денот на градот, 19-ти декември, посветен на патронот и заштитникот на градот, светецот „Свети Никола“.
Прво во црквата „Свети Никола“ во Штип се одржа свечена литургија и литија до улицата „Ванчо Прке“, каде беше осветен и скршен празничниот колач. Митрополитот на Брегалничката епархија господин Иларион истакна дека празникот „Свети Никола“ се празнувал во ропство и во слобода, а денеска првпат заеднички се слави низ сите населени места во Брегалничката епархија.
По светиот чин, следеше и отворање на промотивните денови на регионот, бидејќи од годинава „Свети Никола“ е празник и на источниот-плански регион. На отворањето прво говореше градоначалникот Алексов а потоа и претседателот на Советот за развој на ИПР, Ратко Димитровски. По повод чествувањето на патронот на источниот регион присуствуваа и градоначалниците од 11 општини, кои се дел од Источно планскиот регион.
Градоначалникот на Штип, д-р Зоран Алексов на свечена академија ги подели наградите „19-ти декември“ и орденот „Свети Никола“. Годинашен добитник е токму Митрополитот на Брегалничката епархија г.Иларион, бидејќи тој е иницијаторот за прогласување на празникот „Свети Никола“ за патрон на градот и на источниот регион.
- Орденот го доживувам како радост и како задолжение, бидејќи со тоа ме задолжуваат поревносно и потрудељубиво да работам и да се грижам за духовните чеда, кои што ми се
поверени, рече г.Иларион.
Наградата „19-ти декември“ беше доделена на десет штипјани и тоа на: Симеон Гаврилов, Марија Грнева, Зоран Малинов, Драгица Зенделовска, Наташа Петровиќ, Ѕвонко Белдедовски, Верица Кожинкова, Павле Тодоров, Петар Костовски и Александар Донски.
Градоначалникот, Алексов во својот празничен говор истакна дека празникот „Свети Никола“ стана дел од традицијата на градот, а на градскиот плоштад Слобода, кој се реконструира ќе има поставено биста на „Свети Никола“ и ќе се изгради параклис посветен на отец Гаврил Лесновски.
Во вотриот дел, под покровителство на ГИЗ Ред и ЦИПР се оддржа тркалезна маса на тема:Финансирање на регионалниот развој во Македонија“ во хотелот „Изгрев“. Градоначалниците од општините од регионот се обидоа да дојдат до заеднички заклучок и начини за изнаоѓање на средства кои ќе финансираат клучни проекти кои се од важност за сите општини.
Погледнете ја галеријата на фотографии од настанот.
|