Проектот има за цел да им помогне на младите луѓе да се стекнат со вештини за вработување, со што активно ќе се вклучат на пазарот на трудот. Проектот опфаќа три групи на млади на возраст од 16 до 27 години, како крајни целни групи: ученици во завршни години во средните стручни училишта, невработени кои се пријавени во центрите на Агенцијата за вработување и невработени кои не се пријавени во центрите на Агенцијата за вработување.
- Општина Штип поддржува
секаков проект или иницијатива која ќе овозможи намалување на невработеноста, посебно кај младите, и да ги претвори од активни чекатели на работа во активни баратели на работа. На тој начин ќе мжат и да изберат професија и да ја креираат својата работна иднина сами – изјави на промоцијата на проектот, градоначалникот на Штип,
д-р Зоран Алексов.
На средбата учествуваа повеќе институции, претставници на средни училишта, штипскиот универзитет, приватен сектор, стопанска комора, подрачни единици на образовен инспекторат и други.
- УСАИД во Македонија преку ЈЕС мрежата до сега обучил 220 фасилитатори за имплементирање на програмата за подготовка за вработување. Од нив 173 се професори во средни училишта, 4 се советници, 19 се претставници на НВО, 15 вработени во АВРМ и 9 претставници на приватни агенции на вработување. Со големо задоволство го вклучуваме и Штип во овој проект и очекуваме одлични резултати и плодна соработка – изјави Јан Карпович, директор на проектот.
Проектот инаку официјално

започна да се реализира на 30 септември 2010 година и ќе се одвива во текот на следните пет години, односно до 2015 година а вкупната вредност на истиот изнесува 6.7 милиона долари. Меѓу целите, предвидено е опремување на кариерни центри во средните училишта со комплетна опрема во вредност од околу 5000 евра и работни клубови во центрите за вработување. Освен Штип и Прилеп кои се приклучуваат, во проектот учествуваат уште три други општини: Тетово, Битола и Струмица.