|
Градоначалниците од Источниот-плански регион одржаа состанок во Штип. На состанокот присуствуваа претставници од Министерството за транспорт и врски кои ги презентираа најновите информации околу финансирање на проекти од комуналната сфера.
Имено, Владата на Македонија обезбедила кредит од 50 милиони евра од Европската инвестициона банка со цел истите да им ги подели на општините кои влегуваат во регионалните центри.
Со оглед на неможноста општините да обезбедат средства, Владата на Македонија го обезбедува кредитот со обврска таа да го врати а општините ќе ги добијат тие средства.
Во текот на следните три години, општините од источниот-плански регион ќе може да поднесуваат проекти кои се однесуваат на комуналната сфера со обврска да ги реализираат до 2016 година. Според клучот на поделба на средствата, општина Штип ќе добие 1.4 милиони евра.
Засега не е утврдено за каде ќе се искористат тие средства, но во соработка со ЈП Исар ќе се направат напори тие пари да бидат употребени за приклучување на некои приградски населби на водоводната и канализационата мрежа а во случај да останат уште пари, ќе се размислува за реконструкција на дел од водоводната мрежа во градот.
На прашање од новинарите, дали средствата ќе се искористат за преадаптација на филтер станицата за водите од ХС Злетовица, градоначалникот на Штип, д-р Зоран Алексов одговори дека овие средства не дозволуваат употреба по оваа намена заради што ќе се бара друга алтернатива. Тој воедно напомена дека ако цената на водата е висока, Штип нема интерес да се приклучи на овој хидро-систем бидејќи општината нема да дозволи граѓаните да плаќаат повисока цена на водата. Доколку се решат проблемите со загубите на вода, Штип нема да има потреба од вода од Злетовица, додаде градоначалникот Алексов.
|