|
Вторник, 22 Јуни 2010 12:32 |
|
Во Општина Штип се одржа прес конференција посветена на Штипското културно лето. Со усвојувањето на Предлог-програмата на седницата на Советот на општина Штип минатиот петок, почнуваат практичните активности околу реализација на програмата.
На прес конференцијата говореа претставници на Комисијата за култура и на организациониот одбор за реализација на ШКЛ, Војо Маневски, Вилма Јованова и Кирил Панајотов. На средбата беше презентиран дел од промотивниот материјал за 25-тото издание на ШКЛ. На јавноста и беше претставен постерот кој воедно ќе се најде на неколку билборди низ градот со цел граѓаните да бидат информирани за настаните, брошурите со комплетната програма и обраќањето на градоначалникот а наскоро ќе биде претставена и монографијата за 25-те години ШКЛ.
Согласно програмата, годинава штипјани ќе имаат можност да присуствуваат на над 40 настани кои се дел од ШКЛ 2010 од кои 14 се театарски претстави. Иако официјално ШКЛ ќе биде отворено на 2 јули 2010, од 22 јуни стартуваат дел од програмските активности.
Годинава се одбележуваат 25 години од ШКЛ што резултираше со двојно повеќе усвоени настани од сите области на културниот живот (театар, концерти, солистички настапи, промоции на книги уметнички дела и друго). За таа цел и финансиската конструкција изнесува 800.000 денари со настојување да се заштеди максимално, но сепак манифестацијата да го задржи своето реноме.
|