|
Група од шеесетина бизнисмени, членови на Трговско индустриската комора на Ушак од Република Турција вчера го посетија Штип. Нивната цел беше да воспостават деловни контакти со македонски компании во Скопје и Штип.
Бизнисмените од Ушак имаа прилика да се запознаат со можностите за инвестирање во Штип и за потенцијалите за водење бизнис во неколку стопански сектори. Во рамките на нивната посета, Стопанската комора на Македонија организира Македонско - турски бизнис-форум кој се одржа по 15:00 часот во големата сала на Општина Штип, со цел воспоставување на билатерални деловни контакти со македонски компании, кои би се јавиле како нивни потенцијални деловни партнери.
Градоначалникот на Штип, д-р Зоран Алексов во својство на домаќин ги претстави економските компоненти на Штип:
-Штип е познат како град на текстилот, и тоа прилично квалитетен и почитуван во цела Европа, мора да се каже дека најголем дел од вработените во градот припаѓаат на секторот текстилство. Можности за економска соработка се отвораат и во кожарската индустрија а секако меѓу другото можна е соработка и на едукативно-научна основа преку Универзитетот „Гоце Делечв“ - изјави Градоначалникот Алексов.
Свое обраќање имаа и претседателите на регионалните стопански комори во Штип и Ушак а на средбата во турската делегација беше и Градоначалникот на Ушак, кој доби подготвителни документи за воспоставување на соработка со Општина Штип.
По завршување на официјалниот дел на бизнис- форумот, се одржаа билатерални разговори помеѓу компаниите од повеќе индустриски сектори: осигурување, кожарска индустрија и машинска индустрија, керамика градежништво, рекламни агенции итн.

|