|
Заврши јубилејното 25-то издание на фестивалот на забавни мелодии „Макфест 2010“. На фестивалот беа изведени 28 композиции, во две полуфинални вечери додека во финалето се пласираа 20 теми. Од нив по 6 од двете полуфинални натпреварувања, додека преостанатите 8 со селекција на дирекцијата на фестивалот.
Победничкото место го зазеде Ламбе Алабаковски, со песната Не планирам, на Јован Јованов (музика), Елвир Мекиќ (текст) и Иван Јованов (аранжман). Второто место му припадна на Бојан Стојков, а додека третата позиција на Александар Белов. Макфест, во чест на јубилејното издание на новинарката Здравкица Билбиловска (Радио Метрополис) и ја додели наградата за најпосветен новинар и долгогодишно следење на макфестовските манифестации.
Во листата на победици на годинешното макфестовско издание се најде Дарко Илиевски, кој настапи со баладата „Утре е нов ден“. Тој освои награда за најдобар сценски настап, најдобар дебитант и најдобра интерпретација. Хари Котларовски, освои награда за најдобар аранжман, за песната „Невени те покриваат“ на Бојан Стојков. За најслушана песна меѓу двата фестивала е прогласена „Кажи кој те има“, која за пејачот Александар Тарабунов ја напиша Хари Котларовски.
За прв пат преносот од сите три вечери го реализираше Канал 5 телевизија, за што доби највисоки оценки. Фестивалот понуди нов аудио-визуелен дизајн со користење на модерната лед-дисплеј технологија во функција на подобра визуелизација како за присутните во салата, така и за директниот пренос на телевизија. Тоа наиде на големи пофалби со генерална оценка дека „Макфест“ повторно поставил нови стандарди.
Генерален покровител на фестивалот беше Општина Штип која од минатата година е нов сопственик на фестивалот.
        
|