|
Во Општина Штип со почеток денес се одржа: Презентација на фондовите на Европската унија достапни за општините. Настанот е во организација на Центарот за развој на источниот плански регион и Владата на Македонија (Секретаријат за Евро-интеграции).
На презентацијата воведно излагање имаше Вицепремиерот за Европски прашања Васко Наумковски, градоначалникот на Штип д-р Зоран Алексов и Претседателот на Советот на источниот-плански регион Ратко Димитровски.
Градоначалникот на Штип, д-р Зоран Алексов напомена дека ваквите презентации се повеќе од потребни со цел едукација на тимовите кои ги имаат општините за изготвување на проекти. На овој начин, според него се добиваат практични сознанија како апликациите подобро да бидат подготвени со што ќе се зголемат и можностите за реализација на некој проект.
Според Вицепремиерот Васко Наумовски, на општините во Македонија на располагање им се околу 210 милиони евра од фондовите на ЕУ и дека секоја општина треба да ја искористи шансата и да направи проекти преку кои ќе добие дел од овие средства. Конкретно кога е во прашање Источниот-плански регион, Наумовски напомена дека треба да се искористи шансата за проекти за меѓугранична соработка и за регионална депонија.
За Ратко Димитровски, претседател на Советот на ИПР, презентациите се добра работа бидејќи само така општините можат да видат кои с еобластите на интерес во ЕУ и на тој начин да подготват апликации. Според него, овој регион има потреба од проекти и средства со кои ќе се реализираат идеи а со тоа ќе се влијае директно и на стандардот и развојот на заедниците.
Презентацијата беше наменета за градоначалниците од Источниот плански регион кои во најголем дел присуствуваа на средбата, потоа за вработените во Центарот за развој на ИПР, раководители на сектори (одделенија) за локален економски развој и вработени во општините кои работат на европски прашања. Вакви презентации ќе се одржуваат и низ другите плански региони.
  
|