|
„Штипската пастрмалијада 2010“ се покажа како вистински погодок. За прв пат беше организирана на улицата „Ванчо Прке“ наместо на градскиот плоштад. Траеше три дена што исто така се покажа како успешна формула.
И покрај скепитицизмот и сомнежот, се покажа дека улицата на пастрмалиите навистина беше улица на задоволството. Најзадоволни се угостителите кои по цена од 50 денари за пастрмалија успеаја да угостат голем број на штипјани но и гости од регионот, од цела држава па и соседството. Според слободна проценка, само во текот на саботата (втор ден од манифестацијата) кога се очекуваше и најголемата навалица неофицијално се направени неколку десетици илјади пастрмалии. Тоа е своевиден рекорд бидејќи и самите угостители беа песимисти и за успех зацртаа бројка од 15.000 пастрмалии за сите три дена. Се покажа дека нивниот песимизам е неоправдан, и дека понудата за соработка која им ја упати градоначалникот на штип д-р Зоран Алексов беше паметно решение од кое корист имаат сите.
И општината како организатор, и угостителите кои имаат профит а и граѓаните се задоволни бидејќи во текот на трите прекрасни и сончеви денови уживаа, се забавуваа и можеа да се пофалат дека Штип понуди свежина и излез од монотонијата. Ова и дава сила на Општината идната година улицата на пастрмалиите да ја збогати со уште многу настани и пропратни активности како што беше забавната трка на келнери која собра неколку ијлади посетители во саботата.
На натпреварот за најбрз келнер кој се одржа во саботата пред голем број присутни, титулата најбрз келнер ја понесе Јове Велевски од ресторанот Сутјеска, кој за 12 секунди ги помина сите препреки и стигна на импровизираната цел носејќи сет чашки и штипспка пастрмалија.
Градоначалникот на Штип, д-р Зоран Алексов при свеченото отворање изјави дека тенденција е штипската пастрмалија да биде гастрономнски вкус, препознатлив за Штип, регионот, за Македонија а секако и за светот.
Според градоначалникот Алексов, Македонија преку штипската пастрмалија, како еден од многуте гастрономски брендови овозможува да бидеме познати по нешто. Тоа задоволство кое секој сака да го проба, од идната година ќе биде заштитено преку соодветен бренд, преку препознатливо лого, вкус и рецепт.
Во рамките на прославата на Денот на ослободувањето 8-ми ноември, се одржа традиционалната 42-ра ноќна трка, турнир во стрелање на градското стрелиште каде присуствуваа над 70 стрелци од Македонија и гости од Србија како и турнирот во борење „Киро Ристов“.
Повеќе слики од Пастрмалијадата 2010 може да погледнете во галеријата.
|