|
Градоначалникот на Општина Штип д-р Зоран Алексов денес оствари средба во општинската зграда со угостителите од градот. Повод за средбата беше одржаната манифестација „Штипска пастрмалијада 2010“ која помина успешно и со големи пофалби. Ова е прва средба помеѓу угостителите и локалната самоуправа по одржувањето на пастрмалијадата.
На средбата беа повторени веќе констатираните ставови дека оваа манифестација значително придонела за популаризација на овој штипски специјалитет а со тоа и на градот. Беа посочени неколку слабости кои идната година треба да бидат надминати за да се обезбеди потполен успех на настанот.
Според Градоначалникот Алексов, идната година пастрмалиите треба да се продаваат по цена од 100 денари, но д абидат во стандардна големина, со моќност да се продаваат на половина за цена и од 50 денари. Сето ова се нуди како решение по забелешките дека меѓу угостителите имало и помали пастрмалии од она што беше зацртано како стандард.
Угостителите предложија и промена на датумот на одржување на пастрмалијадата. Согласно традициите, тие прелдожија наместо во ноември, пастрмалијадата да се прави по 21 септември. Образложението е дека пастрмалиите во Штип традиционално почнувале да се прават по празникот Света Богородица. Затоа и е предложено „пастрмалијадата“ идната година да биде првиот викенд по овој празник. Секако за ова дополнително ќе се разговара, како и за концептот што би го имала оваа манифестација.
Меѓу другото угостителите дадоа подршка и на идејата за прослава на денот на градот-Свети Никола. Според концептот, на 19-ти декември би требало во котелот од гравот од Сарчиево би се подготвила рибја чорба и со постен сендвич би се делела бесплатно за граѓаните од Штип.
Заради успешната координација, угостителите на Градоначалникот и Советот му доделија плакета-признание за ангажманот во промоција на пастрмалијадата.
|