| Планирани проекти во 2009 |
| Петок, 11 Декември 2009 09:58 | |
|
ПОКРУПНИ ДРЖАВНИ ПРОЕКТИ: Согласно одлука на Владата на Р. Македонија во 2009 - 2010 година турската компанија ТАВ треба да изгради карго - аеродром во близина на Штип со тенденција во текот на следните 10 години да прерасне во главен цивилен аеродром. Планирана е изградба и на патниот правец Штип - Миладиновци со кој патувањето до главниот град, Скопје, ќе се скрати за триесетина километри. Министерството за култура во соработка со Општина Штип треба да го уреди просторот околу тврдината Исар со адекватна осветленост. Предвидено е и уредување на коритото на река Брегалница (со подршка од Македонската Влада), така што целото корито на реката ќе биде регулирано. Проектот започна во јули 2009 година, а ќе се реализира дополнително со поддршка на Владата на Р. Македонија. Концептот предвидува мини - вештачки акумулации. Конкретно коритото на Брегалница на влезот во Штип кај т.н. Емир ќучук султановиот мост ќе се претвори во голем парк, соодветно украсен со канделабри, пешачки патеки и др. Брегот на Брегалница зад градскиот Исар, предел со клисурски аспекти, исто така треба да добие соодветна пешачка зона.
Ефективно менаџирање со водоводната дистрибутивна мрежа на општина Штип е една од приоритетни цели за што е аплициран соодветен проект за обезбедување на средства. На тој начин, ќе се реконструираат 15 км од водоводната мрежа. Започната е изградба на колектор што ги поврзува населбите Балканска и Чардаклија. Воедно, изготвени и аплицирани се проекти за реконструкција на канализационата мрежа на пет штипски улици.
Интензивираната соработка со бизнис - секторот придонесе Локалната самоуправа за кратко време да постави нови детски лулашки и да ги реконструира постојните. Од страна на ЈП Исар се изградени две зелени површини. Едната е пред Трговски центар Дујле, другата што зафаќа огромно пространство претставува нов рекреативен парк во УЗ Баби.
Репроценката на данок на имот и обновување на базата на податоци за недвижен имот на подрачјето на општина Штип е уште еден успешен проект на Локалната самоуправа. Ова се имплементира од јули годинава (2009) со цел да може да се реши проблемот со бесправно изградените објекти.
|